Наместо домашните издавачки куќи да конкурираат со учебници за наставните предмети од домашни автори, Министерството за образование и наука само објавува конкурси на кои избира автори и ракописи кои подоцна ги печати како учебници, односно се однесува како издавачка куќа. Вака обвинуваат издавачките куќи од каде за Фактор тврдат дека оваа практика трае подолг период. Дополнително издаваштвото на учебниците се проблематизира откако беше воведена Кембриџ програмата.
Од издавачкитекуќи велат дека во МОН објавуваконкурси до домашни автори да поднесуваат ракописи за разгледување и одобрување. Откако одреден учебник ќе се одобрел се распишувал тендер за печатење на тој учебник и сите авторски материјални права за учебникот, Министерството ги откупува од авторот и ги печати во потребниот број примероци. Велат дека тоа значи дека домашните издавачки куќи немале никакво право да поднесат учебник по одредениот предмет изготвен од домашни автори.
Се тврди дека ситуацијата уште повеќе ја искомплицирало тоа што со воведувањето на наставните програми на Кембриџ по предметите Математика и Природни науки од прво до петто одделение, како и по предметите Математика, Хемија, Физика и Биологија од шесто одделение до деветто одделение, издавачките куќи имале можност да поднесат ракописи за одобрување само издадени од странски издавачки куќи, напишани од странски автори како домашни автори и домашни издавачки куќи во Македонија да нема.
„На распишаните тендери за учебници се одобрија ракописи од тукушто формирани издавачки куќи, а останатите издавачи кои дотогаш издаваа учебници со искуство и традиција беа исфрлени и се одобрија учебници со буквални преводи од англиски на македонски јазик, несоодветно преведени, несоодветно усогласени со наставната програма којашто исто така беше превод од англиски јазик и во пракса се покажаа како несоодветни со низа пропусти и недостатоци така што многу генерации останаа без своите елементарни знаења. Беше донесен и закон за да се одобрува само еден учебник за еден предмет што е спротивно на сите европски закони. Со ова се погазува правото на конкуренција која носи подобар квалитет и пониски цени, велат издавачите.
Тврдат дека забрана за издавачи да конкурираат со ракописи од домашни автори е преседан. Инаку домашните автори по останатите предмети што не се по програмата Кембриџ имале досега можност да ги дадат своите ракописи до МОН, но сето тоа било тешко и неизводливо без соодветен издавач, Затоа, како што велат нашите извори поради тоа дошло до неквалитет, а учебниците ги нема никаде каде да се купат.
„Издржаните автори во Македонија се откажаа од поднесување на своите ракописи што резултираше во поднесување и одобрување ракописи од автори кои за првпат пишуваат учебници. Оттука следуваа и голем број недостатоци и грешки, па дури и дојде до повлекување на одредени учебници од употреба. Во нашето образование, а посебно во Законот за учебници во Македонија, потребно е здрава реконструкција и измени, односно бришење на стариот закон и изготвување нов, велат од издавачките куќи.
И последната учебна година почна со старата програма, а малку од реформите кои беа најавени се спроведуваат, се чека уште и на новиот закон. Во моментов нема учебници и по странските јазици од шесто до осмо одделение. Издавачите прашуваат кога ќе им се врати правото да издаваат учебници.
Извор - Фактор