Пред повеќе од 30 години неколкумина Македонци од струшко-охридскиот регион во САД започнале бизниси што до денес успешно работат. Нивните компании се со седиште во сојузната држава Њу Џерси, а последниве години го прошируваат бизнисот и во Македонија. Меѓу вработените кои бројат околу 200, голем дел се токму Македонци.
Најразработен и најголем по обем бизнис во кој се ангажирани Македонците е во областа на градежништвото.
Најголем бизнис тука е градежништво. Покрај градежништвото имаме неколку ресторани, сали за секакви свечености и работиме со недвижнини. Имаме и други помали бизниси кои функционираат во партнерство со други и би кажал дека повеќето од нив се од истиот крај на Македонија - вели директорот на градежната компанија APS Contractors, Inc од Њу Џерси, Гоце Блажески.
Крсте Блажески е еден од партнерите и воедно менаџер на хотелот Дрим во Струга. Тој раководи и со компанијата за испораки на пратки со голем обем, US International Wholesale, која од САД испорачува директно во Македонија со компетитивни цени. За почетоците на неговото работење во САД со него разговаравме во седиштето на компанијата во Њу Џерси.
Во 95–та, 96–та година отворивме прв сервис кој и ден денеска работи и дава услуги на македонските државјани во Америка да можат да испратат било какви пакети, вклучително автомобили и бродови, до Македонија, каде што нивните блиски и тие самите можат да ги подигнат. Тоа е единствена компанија за таа дестинација, вели Крсте Блажески.
Но, освен во градежништвото, Гоце Блажески својот ангажман го посветува и во областа на угостителството и тоа во срцето на Големото Јаболко.
Доколку сакате да го пробате македонскиот ајвар и македонското домашно сирење, и тоа во срцето на Њујорк, во единствениот македонски бар, тоа e, Мезе Бар.
Овој бар претходно работеше под името Балканика, за потоа да прерасне во модерен бар во кој служи храна од современа и традиционална балканска кујна.
Дојдовме со идејата да го креираме Мезе Бар како проект кој ќе ги вклопува модерните американски коктели заедно со балканската кујна. Ова е единствен локал од ваков вид во срцето на Њујорк. Се наоѓаме само на три блока од Тајмс Сквер, вели Борис Митрески, менаџер на Мезе Бар, Њујорк.
Во Њу Џерси живее една од поголемите заедници на иселеници од Македонија. Њујорк со околината ги привлекува со развиената економија и особено со градежниот сектор каде работат голем дел од доселениците. Во САД, според последниот попис, има околу 60.000 луѓе кои се изјасниле за Македонци, но се верува дека оваа цифра е многу поголема, и според некои проценки се движи околу 200 илјади.