Зимските минусни температури сеуште се тука, а режиските трошоци се веќе скапи поради зголемувањето на цените на енергијата, па луѓето често ја влошуваат ситуацијата со несовесно зголемување на термостатите, велат експертите. Сепак, постојат голем број на трикови со кои може да се дојде до, не само поевтино, туку и поефикасно греење.
Намалете го греењето за степен
Се разбира, никој не треба да смрзнува во својот дом или да биде принуден да носи дополнителен слој облека. Сепак, не е неопходно да се постави термостатот на највисока можна температура за да се чувствувате удобно.
На пример, германската Федерална агенција за животна средина препорачува собите да се загреваат до приближно 20 степени Целзиусови во текот на денот.
За кујната, каде што топлината и онака се создава со готвење, обично се доволни 18, а за спалните соби се повеќе од доволни 17 степени. На крајот на краиштата, кога таквите температури се на отворено, обично сме веќе во маици.
Намалувањето на температурата може да ви заштеди пари. Според непрофитната консултантска фирма CO2online, трошоците за греење се намалуваат во просек за околу шест проценти за секој степен Целзиусов.
Повремените паузи во греењето исто така можат да направат разлика. Навечер не е лоша идејата да ја спуштите температурата за пет степени, а кога не сте дома, да ја поставите на 15 степени.
Не ги покривајте радијаторите
Сите сме го доживеале. Греењето е поставено на 20 степени, но изгледа дека е многу поладно од тоа. Во некои околности, можно е тоа навистина да е така.
Според иницијативата Wärme +, Здружението на производители на опрема за греење, завесите над радијаторите и мебелот пред нив може да бидат пречка за пренос на топлина во просторијата.
Ако термостатичките вентили се покриени, тие не можат точно да ја одредат собната температура и затоа не можат правилно да ја регулираат.
Обезвоздушување на радијаторот
Ако радијаторот не се загрева правилно, особено во горниот дел, засилувањето на термостатот нема да помогне. Тоа значи дека има воздух во цевките во радијаторот, кој мора да се отстрани со процесот на обезвоздушување.
За да го направите ова, ќе ви треба клуч за да го отворите вентилот од страната на радијаторот и да го оставите отворен додека водата не почне да истекува. Можете да поставите кофа под вентилот за да го заштитите подот.
Не ја зголемувајте топлината „до крај“ кога ќе се вратите дома
Дали го вклучувате термостатот до крај откако ќе влезете во студена куќа? За жал, ова нема да го забрза процесот на загревање и може да ве чини дополнително.
Тоа е затоа што термостатот ја контролира само конечната температура во просторијата, но не и брзината со која ќе се достигне. Ако го поставите термостатот на „пет“, на просторијата ќе и треба исто толку време да се загрее како да сте го поставиле на „три“. И ако го зголемите греењето до крај, радијаторот ќе се загрева со полна моќност многу подолго, непотребно.
Широко отворени прозорци
Дури и во зимските денови, неопходно е редовно проветрување на просторијата за да се спречи формирање на мувла. Сепак, прозорците не треба долго да се отвораат „на кип“. Овој тип на вентилација е неефикасен бидејќи пропушта само мала количина на воздух и веројатно ќе ги зголеми сметките за греење, според Zukunft Altbau, информативната служба за реновирање на стари згради. Ако вентилирате премногу долго, топлината ќе исчезне.
Во меѓувреме, ѕидовите околу прозорците се ладат, што дополнително ја црпи топлината од собите. Затоа се предлага собите редовно да се проветруваат, така што прозорците се отвораат широко – во зима приближно на секои два часа по пет минути.