Поговорката вели дека се е работа на договор, но малку кој се држи до неа. Многумина во преговори се впуштаат без страв, други со резерва, а трети пак не се ни обидуваат да преговараат. Преговорите се составен дел од секојдневието. Еве неколку практични совети како да ги подобрите своите техники на преговарање и да ги свртите работите во своја корист.
Делете комплименти
Пред да преминете на главното, обидете се да го “омекнете” соговорникот. Бидете љубезни, веројатноста да го добиете тоа што го сакате е поголема.
Прашајте дали постојат исклучоци
Дури и ако соговорникот цврсто стои на својот став, не се откажувајте. Следно што треба да направите е да прашате дали постојат исклучоци и дали никогаш до сега не отстапил од договореното.
Понудете решение
Кај преговарањето понекогаш е важно да знаете точно да го составите и да го кажете тоа што го сакате. Ако, на пример, се жалите на услугите на некоја компанија, понудете им предлог како да се реши проблемот. Ако не го прифатат вашиот предлог, ќе мораат да ви понудат алтернативно решение.
Повикајте се на правилата
Ако, на пример, се обидувате да решите проблем со некој продавач затоа што се чувствувате измамени, инсистирајте вашиот соговорник да ви ја објасни политиката на работењето или поставените стандарди на стоката што ја продава, притоа потсетувајќи го колку долго сте негов потрошувач. Поставувајте прашања како “Дали е тоа официјален став на компанијата?” или “Како ќе ја вратите мојата доверба?”
Бидете самоуверени
Кај преговорите, покрај пријателскиот настап и насмевка, секогаш е важно до крај да останете самоуверени и сталожени. Дури и во ситуации кога вашиот соговорник ќе почне да ви се обраќа на повисок тон, останете мирни.
Моќта на тишината
Бројните искуства велат дека некогаш, откако во преговорите ќе слушнете “не”, неколку секунди молчење од ваша страна можат да бидат многу корисни.