Иако имаме балансиран систем на рестрикции, не се исклучува можноста карантин, поголемите пратки вакцини се очекуваат на 31 март и 15 април.
Се очекува вакцините од „Астра Зенека“ да стигнат на 31 март и 15 април, додека кинеските вакцини на 31 март, рече вчера министерот за здравство Венко Филипче, нагласувајќи дека системот е подготвен и точно се знае како ќе се одвива вакцинирањето. Оцени дека земјава има балансиран систем на рестрикција во кој е исклучително важна индивидуалната одговорност и оти следниот период до почеток на следната недела, има простор да се направи проценка на резултатите од сегашниот полициски час. Во меѓувреме во земјава вчера беа регистрирани нови 1.216 случаи на Ковид-19 од направени 3.761 тестови, оздравени 111 пациенти, а починати 15 лица.
Во однос на ставот на Европската агенција за лекови дека вакцината на „Астра Зенека“ е безбедна, министерот Филипче посочи дека посебно водат сметка и за тоа што го кажуваат националните агенции во ЕУ, кои времено го запреа вакцинирањето и ги следат сите релеватни истражувања. Рече и дека за сите вакцини и лекови водиме сметка да се соодветно испитани и да ги имаат соодветните сертификати за квалитет и да се потврдени од регулаторните тела.
За тоа зошто не е вакциниран, министерот Филипче, повтори дека лично ќе се вакцинира тогаш кога ќе стигнат поголемите дози вакцини.
Според директорот на Институтот за имунобиологија Александар Петличковски, бројките за вакцината на „Астра Зенека“ се многу убедливи и заклучокот на Европската агенција за лекови е до некаде очекуван.
-На вкупно 17 милиони дадени дози од вакцината на „Астра Зенека“ се пријавени 37 несакани ефекти во форма на некаква тромботична случка. Тоа прави една фреквенција што е помала отколку фреквенцијата во општа популација, изјави Петличковски.
Директорка на Инфективна клиника Милена Стевановиќ, рече дека пред многу кратко време ја поминала болеста, но дека ќе се вакцинира со „Астра Зенека“, во првиот момент кога ќе дојде за вакцинација.
Во однос на мерките, министерот кажа дека не ја исклучуваат можноста за карантин и дека тоа веќе го најавиле пред два дена.
-Сметаме дека младите луѓе, и тоа го гледаме од епидемиолошките слики, кои што продолжуваат со комуникација без почитување на превентивните мерки по затворање на угостителските објекти се еден голем трансмитер на вирусот, изјави Филипче.
Лекарската комора ја повика Комисијата за заразни болести сериозно да го земе предвид воведувањето дополнителни рестриктивни мерки и протоколи, бидејќи, како што наведе во соопштението, се наоѓаме во исклучително сериозна состојба, од која може да излеземе само ако сите почнеме одговорно да се однесуваме и да ги почитуваме мерките за заштита.
Тие како здравствени професионалци признаваат дека овие мерки се крајно непопуларни, но сметаат дека во интерес на одржливост на болничките капацитети и зачувување на јавното здравје повеќе од потребно е нивно воведување.
Од Лекарската комора ги повикуваат сите граѓани да ја препознаат сериозноста на ситуацијата во која се наоѓаме предизвикана од ширењето на Ковид-19 и со заеднички придонес и делување да им помогнат на лекарите во борбата за заштита на индивидуалното и колективно здравје, бидејќи тоа е единствениот начин да се спречи понатамошното ширење на вирусот и да се избегне колапс на здравствениот систем.
Согласно вчерашните податоци, на инфективните оддели во Скопје и во болниците во другите градови во земјава се лекуваат 1193 пациенти со Ковид-19 и во ковид- центрите има околу 290 празни болнички кревети, соопшти Министерството за здравство. Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје се хоспитализирани 71 пациент поради компликации од коронавирусот. Вкупно 514 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град. Голем број од пациентите се на кислородна поддршка.
Министерството за здравство, исто така соопшти дека се зголемува капацитетот за хоспитализација на пациенти со Ковид-19 во рамки на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ и во ГОБ „8 Септември”. Пуштен е во употреба дел од Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) со 25 болнички кревети, соопшти Министерството за здравство.
На Клиниката за пластична и реконструктивна хрургија и на Клиниката за торакална хирургија обезбедени се 50 болнички кревети. Клиниката за торакална хирургија продолжува со нормална работа за итни случаи, а хируршките интервенции во моментов се редуцирани и се изведуваат само итни операции и операции на малигни состојби.
Во ковид одделите во внатрешноста има доволен број болнички кревети и капацитетите во болниците не се оптоварени.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагираше дека четврти месец откако во сите држави во светот се одвива вакцинација против корона, министерот Филипче се уште не знае кога ќе стигнат вакцини во земјава. Оттаму наведуваат дека додека сите земји вакцинираат против корона уште од декември минатата година или почетокот на оваа година во јануари, во С Македонија има незначителни дози на вакцини.
Досега во земјата се направени вкупно 578.923 тестирања на Ковид-19.
Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 116.438, бројката на оздравени пациенти е 99.126, на починати е 3.403, а бројот на активни случаи изнесува 13.909.